Friday, March 18, 2011

ОПЕ бара неразумна оставка од претставникот на Ромите во ДПК

Скопје, 18 февруари - Обединетата партија за еманципација – ОПЕ бара претставникот на нивната малцинска заедница во Државната пописна комисија да даде оставка заради манипулацијата на Ромите за престојниот попис на населението, домаќинствата и становите во Македонија.

Според ОПЕ, нелогична е методологија на Државната пописна комисија во врска со објавениот јавен оглас за попишувачи.„Во општина Шуто Оризари има оглас за 24 попишувачи Роми, а според пописот од 2002 година се евидентирани близу 23.000 жители Роми, а во општина Кривогаштани има оглас за 40 попишувачи Роми, каде според последниот попис од 2002 година има само осум жители Роми“, велат од ОПЕ. ОПЕ побара измена на сегашната методологија за избор на попишувачи, како и оставка од претставникот Ром во Државната пописна комисија, кој дозволил и се согласил со таквата нелогична методологија.

Сојузот на Ромите не се согласува со обвинувањата од Обединетата партија на Ромите, објаснувајќи дека тие ќе имаат соодветна етничка застапеност како попишувачи на наредниот попис на населението во Македонија.„Методологијата за избор на попишувачи се носи врз основа на закон, а министерот без ресор, кој е член на Владата, можел навреме да реагира. Тука е грешката, што тој не реагирал на владина седница“, тврди членот на Сојузот на Ромите и заменик министерот за правда, Ибрахим Ибрахими за „Журнал.мк“.

Според претседателот на Партијата за интеграција на Ромите, Д-р Бајрам Берат, не е можно министер без ресор во Владата на Груевски, кој не бил активен при носење на законот, сега да бара оставка од дипломиран правник, човек со огромно искуство и борец за човекови права.„Не е вкусно министерот да навредува и да не се запраша кој го донел тој закон и дека тогаш, тој седел, ништо не слушал и работел, а земал плата“, обвинува Берат.

Македонија се наоѓа на раскрсница кога одлучува за својата иднина и според Берат, лошо е во такви ситуации, „луѓето што седат во кожни министерски фотелји, не познавајќи ги законите, да критикуваат луѓе кои не гласале за законот“.

Државната пописна комисија ја утврдува методологијата на попис врз основа на законот. „Законот за попис е донесен меѓу коалиционите партнери каде што сите ромски политички партии се дел од владејaчката коалиција. Законот се дебатира на владина комисија, на седница на Влада, на собраниска комисија и во Собрание. Тогаш, ромските министри и парламентарци имале право да дебатираат, да се спротивстават или да го потврдат веќе донесеното законско решение“, вели посочениот член на ДПК од ромската етничка заедница.Тој тврди дека методологијата не е апсолутна штетна за ромската заедница поради тоа што учеството на ромските попишувачи, ромските реонски инструктори и на ромските членови на реонските пописни комисии, е многу повисоко, во бројки и проценти од застапеноста на ромската заедница во Македонија.„Методологијата не е штетна, туку дава повеќе можност за вклучување на ромската заедница во пописните структури“, тврди членот на ДПК.