Thursday, April 7, 2011

Wednesday, April 6, 2011

Tuesday, April 5, 2011

Донесена Декларација за унапредување на положбата и правата на Ромите

Врз основа на членот 68 став 2, а во согласност со членовите 9 и 35, како и Амандманите IV и VIII од Уставот на Република Македонија, Тргнувајќи од Декларацијата на меѓународната иницијатива Декада за вклучување на Ромите 2005 - 2015, потпишана и од Република Македонија на Конференцијата во Софија на 2 јануари 2005 година, со која се промовираат антидискриминацијата и еднаквите можности, решеноста да се стави крај на сегрегацијата на ромската заедница, како и подобрувањето на условите за живот на Ромите и нивно интегрирање, особено во четирите приоритетни области: домување, вработување, здравство и образование.

Земајќи ги предвид сите препораки на Министерскиот совет на Советот на Европа од 2000 до 2004 година за подобрување на економската, здравствена и образовна положба како и вработеност на Ромите, за унапредување на нивните човекови права и социјална состојба, како и Меморандумот на Комисијата на Европските заедници за социјална инклузија; Повикувајќи се и на Декларацијата од Стразбур за Ромите усвоена од Советот на Европа за време на претседателството на Република Македонија од 20 октомври 2010 година; Почитувајќи ги целосно Милениумските развојни цели на ООН како и кодексот на меѓународни акти за правата на човекот; Оценувајќи го изразито позитивно нормативното уредување на правата на Ромите во Република Македонија каде се вклучени во Преамбулата на Уставот, но и во сите нивоа на одлучување на национално и локално ниво, создавајќи рамка за целосно интегрирање во сите општествени текови; Следејќи ги состојбите со Ромите во поглед на нивната материјална положба и услови на живеење, но и на остварувањето на нивните права во нашата земја и во другите земји каде што живеат, среќавајќи се со многу предизвици; Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 01.04.2011 година донесе:

ДЕКЛАРАЦИЈАЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА ПОЛОЖБАТА И ПРАВАТА НА РОМИТЕ

1. Собранието ги поттикнува Владата и државните органи, граѓанскиот сектор, здруженија и фондации, органите на локалната самоуправа, стопанските субјекти, научните и културни установи и медиумите во Републиката на натамошни зајакнати и ефикасни мерки и политики за унапредување на правата и општествената и економска положба на Ромите и ромската заедница во земјата.

2. Собранието е убедено дека се неопходни дополнителни настојувања и мерки за ефикасна и координирана имплементација на Националната стратегија за Ромите во Републиката во сите сегменти на економскиот и општествениот живот, а посебно во следниве сектори: домување, вработување, образование, здравство, социјална помош и заштита, заштита на човековите права и прашањето на дискриминација, култура, медиуми, жената Ромка и нејзините специфични проблеми, како и политичка партиципација. Овие настојувања и мерки треба да се ускладат со усвоените развојни политики, како и со евро-интеграциската стратегија на земјата.

3. Собранието смета дека развојните и стопанско-инвестициските проекти во државата, вложувањата во здравството и образованието, во комуналната инфраструктура, станбена изградба и квалитет на живот треба да се усвојуваат секојпат уважувајќи ја компонентата и политиката на унапредување на положбата на Ромите.

4. Собранието ги повикува и другите парламенти на европските земји, членки на Советот на Европа и ОБСЕ да се определат за заедничка борба против сегрегација и дискриминација на Ромите или која и да е друга групација врз основа на нејзината културолошка припадност.

5. Оваа Декларација ќе се достави до Владата на Република Македонија, органите на единиците на локална самоуправа, стопанските комори, универзитетите, здруженијата на невладините организации во Република Македонија, медиумите, Европскиот Парламент, до Советот на Европа, ОБСЕ, како и до Обединетите Нации.
6. Оваа декларација ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците како матично работно тело на Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 29 март 2011 година ја разгледа Предлог Декларацијата за унапредување на положбата и правата на Ромите и поднесе амандман на Преамбулата, за додавање нов став 4 по став 3. Овој амандман Комисијата едногласно го усвои.

Законодавно-правната комисија на седницата одржана на 29 март 2011 година ја разгледа Предлог Декларацијата за унапредување на положбата и правата на Ромите и го разгледа и усвои амандманот поднесен од Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. Овој амандман е вграден во Дополнетиот предлог на Декларацијата за унапредување на положбата и правата на Ромите.